Министерот за правда Бојан Маричиќ смета дека ќе се решат сите дилеми и нема да има никакви последици, и покрај заканата што ја упати генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, дека оваа партија може да излезе од мнозинството и да ја урне Владата.
Хоџа пораката ја упати синоќа откако Државната изборна комисија (ДИК) прифати приговор на ДУИ и одлучи да се прегласува на едно избирачко место во Желино – општината во која кандидатот на Беса победи пред ривалот од ДУИ со само 69 гласа разлика, а сега може да дојде до прегласување.
„Мислам дека низ разговори и состаноци ќе ги разрешиме сите тие дилеми. ДИК донела одлука и тоа не е само за Желино, така што ќе видиме. Не би требало да има тоа политички импликации“,вели Маричиќ.
Маричиќ рече дека се шпекулации информациите дека тој е во игра за нов мандат.
„Тоа е шпекулација, ниту сум разговарал ниту некој ме прашал, ова освен да го означам како шпекулација ништо друго не можам да кажам“,рече Маричиќ.





