„Ние со Бугарија веќе се договоривме. Значи нема потреба повторно да преговараме, само треба да го исполниме ова што е пред нас, да ги внесеме Бугарите како и сите други што сме ги внеле до сега во уставот“, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ за „ТРилинг“.
Тој рече дека комплетниот терен за ДПМНЕ да даде поддршка на уставните измени е расчистен.
„Немаат веќе никаква причина, никакво објаснување да не дадат поддршка затоашто обезбедивме, не само ние туку и Европската Унија со своите структури и тоа јасна и прецизна позиција од Бугарија и од другите држави членки на ЕУ дека нема други услови за продолжување на преговорите и отварање на поглавјето, дека ова е главниот и единствен услов, дека нашиот јазик и идентитет се заштитени и гарантирани од најголеми поддржувачи во Европската Унија и дека преговарачкиот процес не може да го загрози нашиот идентитет и македонскиот јазик“, нагласи Маричиќ.
Тој додаде дека и понатаму се разговара со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ официјално и со сите пратеници за поддршка за менување на Уставот.







