„Она што како бројка е битно е дека има скоро 12,6 милијарди за целиот регион. Таа е единствената бројка која е сигурна и однапред дефинирана“ вели посебниот советник на претседателот на Владата за евроатлански интеграции Бојан Маричиќ.
Тој не е оптимист дека Македонија ќе успее да ги добие, односно да ги потроши сите три милијарди евра, како максималната сума испрограмирана во рамките на новиот буџет на ЕУ за третата генерација на претпристапна помош ИПА 3.
„Бројката од 3 милијарди евра е достижна доколку навистина се надминеме во имплементирање на проектите. Нашата досегашна бројка или перформанс е меѓу 80 или 100 милиони евра годишно искористување на европски пари. Во овој момент се дефинирани или се додефинираат проектите кои што ќе се финансираат и парите кои што се програмираат во наредните 7 години“, рече Маричиќ во гостување на „Утрински брифинг“.
СДСМ вчера соопшти дека наМакедонија ќе и бидат достапни речиси 3 милијарди евра за овој седумгодишен период како поддршка во грантови и проекти кои треба да го забрзаат економскиот развој и реформскиот капацитет.
Според власта, овие средства се клучна алатка за поддршка на преговорите на земјава со ЕУ во наредниот седумгодишен период.






