Иако не се донесоа уставните измени како услов за почеток на прегорите со Унијата, за вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, оваа година не е пропадната на дипломатско политичко поле, туку е една од најуспешните.
„Ако 2023 година беше година на успешен скрининг, 2024 година треба да биде година на обновен политички консензус за европска интеграција, политички консензус не заради партиските придобивки, туку заради остварување на стратешката цел и заедничката иднина, а тоа е Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година“, порача вицепремиерот за европски прашањана денешната прес-конференција во Владата.
Маричиќ на прес-конференцијата даде преглед на активностите кои досега се преземени на патот на членството во ЕУ, наведувајќи дека согласно обврските патоказите и акцискиот план се усвоени вчера на владина седница, а денеска официјално ќе бидат доставени до ЕУ, но додаде дека останува обврската од Преговарачката рамка за усвојување на уставните измени, што, како што рече, е обврска на секоја партија и пратеник.
Напомена дека изминатата година и половина било остварено најважното во однос на стратешката цел – членство во ЕУ – почетокот на преговорите, што, како што рече е клучна точка за трансформација на општеството.
Годината што изминува ја означи како година на успешен скрининг процес, кој се одвивал во период од околу сто работни дена, односно 15 месеци, со над илјада учесници, од над 200 различни институции, кои извршиле 850 презентации на состаноците во Брисел….






