Министерство за правда, предводено од министерот Бојан Маричиќ, го одби барањето заменик министерот за правда на Косово, Блерим Садиху, да ги посети затворениците од случајот „Диво Насеље“, објави Телма.
Барањето од косовската влада содржи список од 17 осуденици кои се државјани на Косово, а се уапсени на 9-ти мај 2015-та година во кумановската населба. Во барањето беа предложени два датуми за посета, 17- ти или 20- ти декември.
Во меѓувреме дел од косовските пратеници бараат Кумановската група да се врати на Косово и таму да ги доиздржи затворските казни.
Вчера било дискутирано на пленарна седница во собранието на Косово каде Хисен Бериша, пратеникот на Демократската партија на Косово побарал премиерот Курти да каже што сториле косовските институции, за да осудениците не се сметаат како терористи.
Од друга страна во партиските преговори за опстанок на Владата на Зоран Заев, Премиерот и вети на партијата Алтернатива дека ќе дозволи меѓународен мониторинг на неколку случаи во кои се осудени Албанци од земјава.
Каков ќе биде монитроингот не се знае но се работи за „Монструм“, „Диво Насеље“, „Малиот Алмир“ и случајот со Алфите. Токму денеска косовската претседателка Вјоса Османи на прашање за повлекување на терористите рече дека треба да се заврши процесот во земјава кој е пред Врховниот суд.






