Маричиќ: „Наша крајна цел е да ја донесеме Европа дома“

Еевропската перспектива на регионот е реална и предвидлива; Западен Балкан го има вниманието на Европската Унија; Одлучни сме да го постигнеме посакуваниот напредок на патот кон членството во ЕУ и процесот на преговори да ги изведеме квалитетно и брзо, се некои од поентите на обраќањето на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, на денешниот Скопски Економски Форум, организиран од Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација.



„Нашата крајна цел е да ја донесеме Европа дома за да ја живееме Европа, а не само да зборуваме и да се надеваме на неа“, порача вицепремиерот.

Според него „јасната европска перспектива со точни и предвидливи датуми ќе делува како катализатор, и ќе ни биде поттик брзо да ги спроведеме реформите, или фигуративно кажано – да понудиме навремени и квалитетни решенија за нашите обврски и задачи кон ЕУ“.

Вицепремиерот оцени дека руската агресија врз Украина беше аларм за Европската Унија, дека мора јасно и прецизно да ја дефинира својата стратешка политика и да направи план за европската перспектива на Западен Балкан.

„Сериозните последици што руската агресија врз Украина ги предизвика на Балканот бараат поголем ангажман од страна на Европската Унија во регионот, а од нас потврда дека сме на иста страна и на иста линија со нашиот стратешки партнер Европската Унија и дека сме кредибилен партнер на Унијата во заштитата на европските вредности, мирот и стабилноста“, рече Маричиќ.

Она што е неопходно, според Маричиќ, е испраќање сигнал дека Европската Унија останува и понатаму да ја има водечката улога на овие простори. Тоа, како што рече, веќе се направи со одржувањето на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Тирана.

Тој додаде дека со ЕУ ја делиме одговорноста и европските вредности и потенцираше дека како стратешки партнери заеднички ќе одговориме на сите надворешни влијанија, обезбедувајќи континуирана политика на проширување и обединување на Западен Балкан со ЕУ.