Маралуша: „Заговор на Харадинај, Тачи и Ахмети за ‘Кумановскиот случај’ и за да се елиминираат хашки сведоци?“

„Дали Рамуш Харадинај, Хашим Тачи, Али Ахмети и Никола Груевски беа во заеднички комплот, здружени заради заедничко дејствување и заговор, во случајот ‘Куманово’? – ова прашање е дел од објавата на Мухарем Маралуша, албанско – американски генерал во пензија, која ја пренесува весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик на Балканот со наслов „Дали Рамуш Харадинај ги испрати намерно синовите на Косово во ‘Кумановската кланица’?“

Инаку, „случајот „Куманово“ е судирот меѓу вооружената група Косовци и македонската специјална полиција во 2015 година во „Диво насеље“ во Куманово, кога загинаа 8 македонски специјалци и 10 припадници на таа група, на која и е судено за тероризам. Мухарем Маралуша, по потекло од Косово, е пензиониран генерал – поручник на Маринскиот корпус на американската армија и со контакти со значајни републикански политички кругови во САД. Тој е и член на Паналбанската федерација во САД. Рамуш Харадинај, сега претседател на партијата „Алијанса за иднината на Косово“, е поранешен премиер на Косово и претходно еден од водечките команданти на косовската УЧК. Хашим Тачи, сега претседател на Демократската партија на Косово, е поранешен премиер и претседател на Косово и претходно, исто така, еден од водечките команданти на косовската УЧК.

„Лајм“ ја пренесува исцело објавата на Маралуша: „Дали Рамуш Харадинај ги испрати синовите на Косово во кланицата во Куманово со цел да им ја затвори устата на можните сведоци против него во истрагите во Специјалниот суд, кои што не се завршени се уште? Дали се во заедничка ‘вреќа’ Рамуш Харадинај, Хашим Тачи, Али Ахмети и Груевски, во комплот, заговор, што се однесува до ‘Кумановската група’? Целта на Харадинај беше елиминирање некои сведоци. Целта на Груевски беше да им покаже на српско – македонските националисти дека Албанците им се заеднички непријател, кој има намера да ја создаде етничка Албанија. Целта на Ахмети беше да остане во трајна коалиција со славомакедонските националисти.“

Инаку, Специјалниот суд во Хаг третира сега воени злосторства во Косово и води процеси против одделни високи команданти на косовската УЧК. Во изјава за приштинскиот весник „Бота сот“ на 21.ноември 2021 година, прашувајќи „Како ги елиминирате хашките сведоци?“, и косовскиот публицист Идриз Зеќирај упати обвинувања на адреса на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека тој „помогнал во елиминацијата на некои лица, потенцијални сведоци во Хашкиот судски трибунал, преку нивното учество во ‘случајот Куманово“, во „Диво насеље“. Покрај другото, Зеќирај за овој медиум тврдеше: „Али Ахмети е обвинет дека им дошол на помош на своите колеги – партиски лидери, за да се елиминираат некои од оние, кои беа можни сведоци во Хашкиот трибунал.“