МАНУ за „реформата“ на Царовска: Македонската историја и македонскиот јазик да се учат посебно

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се придружи на реакциите од повеќе научни институции во Македонија за најавата од министерката за образование Мила Царовска за спојување на неколку предмети во еден, со акцент на историјата.



„Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите се залага за транспарентно, стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава и, притоа, потенцира дека реформите треба да обезбедат: систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа; динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна; континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на Македонија“, се вели во соопштението на МАНУ.