Во издание на Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) од печат излезе Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА), каде што се поместени 50 дијалектни карти и легенди кои ја покриваат македонската дијалектна територија претставена во мрежата на населени пунктови во рамките на Општословенскиот лингвистички атлас – ОЛА.
Како што соопштија од МАНУ, општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) е еден од проектите на Меѓународниот комитет на славистите и има меѓународен, мултилатерален карактер. Во ОЛА се застапени 13 национални академии на науки и/или соодветни институти од сите словенски земји. Во атласите на ОЛА се картографираат резултатите од 3.454 дијалектни прашања собирани во повеќе од 850 населени места на целата словенска јазична територија при што македонската јазична територија е застапена со 24 населени места.
Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА), спорерд МАНУ, ја прикажува лексичката разнообразност на македонската дијалектна територија надоврзувајќи се и реинтерпретирајќи ги македонските дијалектни материјали претставени во неколку веќе објавени лексички атласи на ОЛА.




