„Досега во име на добрососедството и со цел надминување на разликите, главно од македонска страна беа премолчувани екстремно тврдите, шовинистички и апсурдни бугарски позиции и барања. Но, ‘чашата на трпеливоста’ сепак се прелеа и во последно време стануваат сѐ погласни изјавите и настапите на македонски политичари, кои јасно и недвосмислено се противат на бугарската уценувачка политика и нејзините барања.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Македонија нема да отстапи пред бугарските уцени “, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
“СЕ ПРЕЛЕА ЛИ ЧАШАТА НА ДОБРОСОСЕДСКА ТРПЕЛИВОСТ И ТОЛЕРАНЦИЈА ПОРАДИ АПСУРДНИТЕ БАРАЊА И ПРИТИСОЦИ ОД СОФИЈА?“
Павловска пишува: „Зголемениот интензитет на средбите на македонско-бугарските работни групи за надминување на причините за бугарското вето за македонските евроинтеграции создава некаков привид пред ЕУ дека кај бугарската страна, божем, се прават некакви напори за надминување на недоразбирањата, иако во суштина Бугарија не мрднува ниту со прст и останува на своите апсурдни барања и уцени кон Македонија. ‘Би сакал да верувам дека ќе се остане на линиите од Резолуцијата изгласана во Собранието. Меѓутоа, она што се случува ми личи на нешто друго. Мислам за она што се случува на бугарската страна, а нашата страна е инфериорна. Ако приемот во ЕУ трае петнаесетина години (а можеби и подолго во нашиот случај), колку уште отстапки ќе треба да се направат? Ние слушаме дека нема да се прават отстапки по прашањето на националниот идентитет, но Бугарија бара откажување или преименување на определени периоди во историјата. На пример, дали Бугарија била или не, фашистичка земја во Втората светска војна? Бугарите ја кријат вистината за испорачувањето 7.000 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка 2.’ – кажа Владимир Милчин во едно ТВ-интервју.“
„Додека македонската страна наводно тактизира со воздржаност на провокациите и уцените, во интерес на процесот на договарање со Бугарија за да бидат час поскоро отворени преговорите со ЕУ, од бугарската страна се наметнуваат уште покатегорични барања со арогантно одбивање на секоја идеја за реципроцитет и рамноправност. Тоа се случува и во поглед на прашањата за малцинствата, инсистирањето за наметнување на бугарската верзија на т.н. ‘заедничка историја’ како единствена за Македонија, национално дефинирање на македонските револуционери (почнувајќи од Гоце Делчев), па до условувања за фалсификување на светската историја во македонските учебници и споменици за да се избрише (заборави) определбата на Бугарија во Втората светска војна, на страната на фашистичката оска… Нескриено од бугарските политичари е дека агресивноста и дрскоста на нивните уцени за Македонија произлегува од статусот на земја-членка на ЕУ, за што се покажа дека може да ги уценува земјите-кандидати.“
„Од проширувањето во 2004 година наваму ЕУ развиваше став дека не може да увезува билатерални спорови и нестабилност што произлегува од нив. Затоа препораките беа изнаоѓањето решенија што ќе придонесат кон регионалната стабилност да биде пред влезот на земјата-кандидат. Но таквиот пристап им даде засилување на земјите-членки, кои без двоумење ја злоупотребија својата моќ за да побараат од Македонија неприфатливи отстапки, кои воопшто не смеат да бидат ставени на преговарачка маса.’ – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.“
ЕУ – сепак е трета страна во билатералниот спор
„Насилнички се поткопуваат основните начела на самоопределување, малцински и човекови права. Неопходно е земјите-членки на ЕУ да ги одбијат шовинистичките барања на Бугарија, зашто во спротивно – ги легитимираат. Ако бугарските барања се прифатат и се легитимираат од ЕУ, како што беше случајот со Преспанскиот договор, можно е да не се задржат само на уценување во фазата на претпристапни преговори, туку и да мутираат како опасна преговарачка карта во внатрешни преговори меѓу земјите-членки – порачува Ида Мантон.“
Интернет – врска до целата анализа:





