Манговски: Ако прифатиме дека Гоце е Бугарин и ние ќе станеме Бугари

Пишува: Славко Манговски
Активист за човековите права на Македонците во Грција, Бугарија, Албанија, Србија и Косово



ШТО БИЛ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ?

Во последно време гледаме голема расправа и инсистирање, дури и уценување, од страна на Бугарија да признаеме дека тој бил Бугарин а гледаме дека дури и нашиот нов претседател се вмешал во расправата. Зошто им е толку важно на Бугарите да прифатиме дека Гоце бил Бугарин? Бидејќи така признаваме дека и ние сме Бугари кои Тито (или некој друг) насилно не натерал да сме Македонци и спрема тоа ние треба да си се вратиме на нашите природни т.е. бугарски корени.

Бугарските тврдења дека Гоце бил Бугарин се базираат на едно писмо во кое Гоце вели дека „кога сме си Бугари„, и дека во тоа време немало луѓе кои се декларирале како Македонци.

За жал, не постојат други директни извори за тоа како се декларирал Гоце па затоа треба да заклучиме од посредни извори.

Прво би ги спомнал изјавите на неговата фамилија – скоро сите недвосмислени се декларираат како Македонци (види во книгата на Симо Младеновски – Револуционерката Руша Делчева) како и неговата внука Катерина Нурџиева.

Имаме примери како делуваат бугарските националисти од Македонија, како Тодор Александров и Иван Михајлов. Под девизата „Независна Македонија„ јасно се гледа нивниот бугарски национализам. Гоце, од друга страна, е јасно македонски националист.

Перцепцијата на Македонците (и другите) во Бугарија. При пренесување на неговите коски во Софија јасно е напишаноа на неговиот саркофаг желбата неговите коски да бидат погребани во главниот град на независна Македонија. Споредете го тоа со мечтите на Т. Александров и И. Михајлов за обединета Бугарија.
Постојат прилично доста изјави на наши револуционери дека се Македонци а не Бугари (Сарафов, индиректно Ѓ. Петров, Сандански и т.н.) Сигурно има и многу други но скоро сите писмени докази доаѓаат од земја која е екстремно непријателски расположена кон македонскиот идентитет.

Треба да се спомене и колективната меморија на македонскиот народ – во сите делови од Македонија Гоце е наш, а не бугарски, херој.

За жал, нашите владеачки елити (како и повеќето историчари) не успеаја да направат од Македонија солидна држава. Затоа денес сме приморани, за да преживееме, да тргуваме со нашиот идентитет.