„Спроти парламентарните и претседателски избори сега ќе ѝ биде потешко на власта да ни зборува за економски напредок и добрососедство со соседите кога државата Македонија ја претвори во урнатина, а правата на Македонците во Бугарија и Грција се доведени на нула. Ги научивме сите можни финти и лажни ветувања, што ни беа давани од едни до други избори. Ајде на идните избори да одбереме чесни личности, домаќини, кои си ги сакаат и ги почитуваат сопствената држава, историја, јазик и култура. “ – вели Коле Манев, познатиот македонски сликар и филмски работник-документарист во својата колумна со наслов „Ќе биде интересно“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, натаму Манев пишува: Кои ветувања ќе ни понуди власта? Дали мистичниот договор со Бугарија ќе биде првото ветување, бидејќи тоа е за нив добрососедство и пријателско разбирање меѓу соседите? За внесување на Бугарите во Уставот се вршат притисоци однадвор, но не толку дрско и лажно како за време на договорот со Грција, кога во Нивици ни беше променето името на државата. Во Грција и Бугарија правата на Македонците се доведени на нула. Ќе биде интересно кога власта ќе ни каже кога направила нешто успешно. Знаеме дека доста успешно знаат да подлажуваат. Митска сцена е кога со авиончето доаѓаа од Брисел и нѐ убедуваа дека „добија“ („добивме“) датум за преговори со ЕУ!
Дали и во овие избори гласовите од гласачите ќе се купуваат за кило сирење, или за една торба пиперки? Ги научивме и ние, граѓаните, сите можни финти и лажни ветувања, што ни беа давани од едни до други избори. Сега ќе ѝ биде потешко на власта да ни зборува за економски напредок и добрососедство со соседите кога државата Македонија за време на нивното владеење е претворена во вистинска урнатина. Нема уште веднаш да ги прифаќаме како вистинити понудите и ветувањата. Не треба да бидеме наивни и повторно да им поверуваме на некои политичари, кои се обидуваат да се „исперат“ дури и да побараат ново политичко место во идните избори.
На овие идни избори верувам дека ќе дојде до израз волјата на граѓаните.Не треба да заборавиме дека ние само на избори ја одредуваме нашата иднина. Треба на овие идни избори да се сплотиме и конечно да се одлепиме од тие, што се склони на измами и нереализирани ветувања. Ајде еднаш и ние на идните избори да одбереме чесни личности, домаќини, кои си ги сакаат и ги почитуваат сопствената држава, историја, јазик и култура.





