Манев: Бугарија и Грција водат валкана војна за грабање на идентитетот и историјата на Македонците, на брендот Македонија, а ЕУ мижи на тоа!

„Денес има и војни што се водат поинаку, некои ги нарекуваат војни за грабање идентитет и историја на друг народ. Не од вчера, туку од пред стотина години Бугарија сонува за присвојување на историскиот бренд на Македонија, а на политичкиот хоризонт само таа си знае која е причината, што често знае да се најде на погрешната страна. Некои мислат дека го решивме проблемот и со Грција, но ни тоа не е така.“ – вели познатиот македонски сликар и филмски работник-документарист Коле Манев во својата колумна со наслов „Почнаа да гледаат“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, натаму Манев пишува: Денес, како членка на ЕУ Бугарија игра валкана и погрешна улога кон Македонија и повторно сака да живее во заблуда и нереални соништа. Челни личности од ЕУ, веројатно од политички или од стратегиски причини, застануваат на страната на Бугарија и замижуваат пред нашето постоење како посебен народ и идентитет.

Но сѐ има свој почеток и свој крај. И покрај силните притисоци, што доаѓаат од ЕУ и пошироко, за менување на нашиот Устав и вметнување на Бугарите во него, конечно се јавуваат земјичленки при ЕУ, кои гледаат од поинаков, од реален агол. Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, при неговата посета на Македонија рече дека тие (мислејќи на Бугарија), што ја блокираат Македонија за почетокот на преговорите за ЕУ, треба да знаат оти ја поткопуваат и довербата во ЕУ.