Италијанскиот селектор Роберто Манчини изрече низа комплименти за фудбалската репрезентација на Македонија во пресрет на полуфиналето од баражот за Светското првенство во Катар, закажан за утревечер од 20:45 часот во Палермо.



„Северна Македонија добро се брани и е технички поткована селекција. Да потсетиме дека ја победија Германија како гостин во квалификациите. Потребно ни е трпение, натпреварот почнува од 0:0 и не мораме да бркаме негатива“, изјави Манчини на прес-конференцијата за мечот на стадионот „Ренцо Барбера“.

„Отсекогаш сме се труделе да го играме нашиот фудбал. Луѓето од Палермо отсекогаш ни давале голема поддршка и ќе го направат тоа и овојпат бидејќи стадионот е распродаден. Позитивно е што ова ќе биде прв меч со стопроцентно исполнет капацитет по две години“, додаде тој.

Според предводникот на „аѕурите“ од клупата, на средбата со „црвено-жолтите“ нема фаворит.

„Сите почнуваме од почеток, секој натпревар започнува со 0-0 и сè може да се случи за 90 минути. Не гледам фаворит, бидејќи секој натпревар мора да се игра, дури и оние кои изгледаат лесно на хартија“, објасни тој.

„Кога се подготвуваш за Европско или за Светско првенство, имаш време за интензивни тренинзи. Во средината на сезоната, сепак, го немате тој луксуз. Сега момците мораа да се опорават од долгите патувања и од многуте натпревари, па имавме само половина ден да тестираме тактички ситуации. Затоа, се фокусиравме на истите играчи кои го освоија Европското првенство, бидејќи тие се познаваат и знаат што треба да направиме. Таков е животот на спортистите – има подеми и падови“, додаде Манчини.

„Сите сакаме само да победиме. Сè што треба да направиме е да останеме сконцентрирани на себе. Италија игра добар фудбал и не треба да се фокусираме на ништо друго“, порача тој.