Ѓорги Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија, на Фејсбук објави дека стои на располагање да помогне да се вратат наводно „изгубените“ податоци од ФЗОМ по нападот на комјутерскиот систем од хакери кои наводно барале откуп.
„Не верувам дека нема BACKUP на податоците во Фондот за здравство!
Јас го правев софтверот за здравство во CLIPPER, програмски јазик и DBASE база и ја имам базата до 1996 година. А, од тогаш до денес е многу пати софтверот дополнуван и доработуван… Не е потребно да се бараат надворешни експерти!
Јас, стојам на располагање и ја нудам мојата помош да ги вратам податоците, доколку ми дозволат, и во било која база да се или во кој хард диск“, пишува Манасков на официјалниот профил на Фејсбук на Стопанската комора за Енергетика на Македонија.
Минатата недела премиерот Ковачевски, нападот на ФЗОМ го нарече „дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора.
Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи“, рече Ковачевски.







