По разузнавачките податоци и навестувањата на теренот дека Русија најверојатно ќе преземе воена акција во соседна Украина, состанокот меѓу американскиот претседател Џозеф Бајден и рускиот Владимир Путин е малку веројатен, изјави висок претставник на американската влада за новинарите.
„Нашето силно чувство, врз основа на сè што гледаме на теренот во областите околу Украина на север, на исток, на југ, е дека Русија продолжува да се подготвува за воена акција, која може да се случи во наредните часови или денови“, рекол и додал дека администрацијата „сигурно не може да се посвети на состанок за кој предусловот е Русија да не преземе воена акција, но сѐ укажува дека ќе ја преземе“.
„(Путин) јасно стави до знаење дека ја гледа Украина историски како дел од Русија и даде голем број лажни тврдења за намерите на Украина, кои се чинеше дека се смислени за да оправдаат евентуална воена акција. Ова беше говор пред рускиот народ за да се оправда војна. Всушност, тој уште еднаш експлицитно се закани со војна“, рече високиот функционер во однос на вчерашниот говор на Владимир Путин.
Во неделата, портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека Бајден „начелно“ се согласил на средба со Путин затоа што американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се среќаваат в четвртокот и ако Русија не ја нападне Украина.






