Со колумна под наслов “Не бре, на Кичевскиот, Ташнаревиќ од аферата „Рекет“, не смее влакно да му фали!”, новинарот Бранко Героски прави споредена анализа на мафијашките правила во времето на Груевски и на Заев.
Героски ги анализира случајот “Кичеец” а според неговите ставови мафијата од времето на Груевски е мало дете во однос на таа мафија што работи во времето на Заев.
“Луѓе мои, после сѐ што се случуваше за време на режимот на Груевски, не верував дека еден ден ќе бидеме сведоци на вакви срамотилаци. За жал, денес сфаќаме дека мафијата во време на поранешниот режим е детска градинка во однос на мафијава што денес владее во Македонија.
Веќе трет ден залудно чекам некој од власта, или барем некој од апологетите, да сподели со јавноста некаков осмислен наратив, што ќе го оправда саботниот скандал во кој во главна улога е ликот Зоран Милевски со прекар Кичевскиот.
И залудно чекам оставка од некој од надлежните, на пример од директорот на Управата за извршување санкции, како чин на морална одговорност. Иако директорот не е виновен, зашто се знае кој во оваа држава решава за Кичевскиот и воопшто, за тоа кој ќе биде зад решетки а кој на слобода…
Да потсетам. Милевски е Ташнаревиќ во аферата „Рекет“. Тој ја носи торбата „Луј Витон“ со еврата што Бојан Јовановски, заедно со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, ги изрекетираа од бизнисменот Орце Камчев.
Се сеќавате на таа снимка? Да не сте ја заборавиле?
Боки е во затвор. Таму закачи и корона.
И Катица е во затвор.
Орце е во притвор. Затоа што мора да му се одмаздат што ја обелодени аферата „Рекет“. И што ги пријави и ги сними рекетарите.
Се сеќавате, нели, на заканата на одмаздникот: „Море мамето мамино ќе му го ебам!“
Само Кичевскиот е на слобода. Поточно, откако се спогоди со обвинителот, казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга. Очевидци велат дека казната ја „издржува“ во охридските локали.
И онака, попатно, тера џип, развезува српски ликови и во саботата учествува во жестока сообраќајка на Стража. Еден мртов и неколку повредени. На Кичевскиот, нормално, влакно на главата не му фали.
И не смее да му фали.
Зошто? Затоа што само тој знае каде завршија парите што ги изнесе од куќата на Орце Камчев во торбата „Луј Витон“.
Додуша, од три пати, би можел и јас да погодам каде се парите. Но, ај да си седам мадро…
Медиумите прашуваат што барале на местото на сообраќајката на Стража припадници на Агенцијата за национална безбедност. Ех, што барале… Мекици можеби?”, пишува Героски.
Целата колумна на Плусинфо






