„Постои заговор против Македонија. Но, протагонистите на тој заговор не се големите сили, туку се тука, меѓу нас. Сите оние, кои не прифаќале ‘странски диктати’ и затоа нема да гласале за уставните права за бугарското малцинство, нека прочитаат дека Коле Чашуле, еден од основоположниците на македонскиот јазик и литература, патриот и дури во еден момент националист по чувство, пред 22 години пишувал дека сме имале заедничка историја со Бугарија и оти нашата официјална и селектирана историска мисла не се совпаѓа со светската.“ – вели д-р Мирјана Малевска, универзитетска професорка по политички науки, во својата колумна со наслов „За митот за ‘анти-македонскиот заговор“, која ја објави информативниот портал СМК – Слободна Македонија.
Докрај разјаснето, посредно Мирјана Малевска ја обвинува токму ВМРО ДПМНЕ, односно македонската опозиција дека се „протагонист на заговорот против Македонија“, бидејќи одбиваат да гласаат за внесувањето на „македонските Бугари“ во Уставот!
Со оваа своја колумна Малевска како политиколог се става во служба на настојувањата на Владата и на официјалната бугарска политика да се внесат по секоја цена „државотворните Бугари“ во Уставот на Македонија. Малевска со ништо не се осврнува на сите можни опасности и последици, ако би влегле Бугарите во највисокиот акт на оваа држава, иако како доктор по политички политиколог би морала сосема јасно да ги согледува и да укаже на нив. Но, впуштајќи се во напад врз ВМРО ДПМНЕ, Малевска има цел да укаже на нешто друго: „на погрешната стратегија на парламентарната опозиција и нејзините поддржувачи дека националното достоинство се брани со историски волунтаризам“.
Користејќи го изразот „историски волунтаризам“, Малевска, всушност, посредно изнесува крајно опасно стојалиште дека македонската етничка засебност и одделната македонска национална историја се произволно самосоздадени. Уште појасно кажано, околу-околу, таа „укажува“ дека Македонците и Бугарите се еден народ!
Еве што пишува,покрај другото, Малевска во својата колумна: Кај нас има премолчан политички договор на значителен дел од образованата елита, чиј команден центар е опозициската партија, да се компромитираат Охридскиот, Преспанскиот и Францускиот договор, со изговор дека се “диктати”. Оваа организирана структура го окупира јавниот простор и не дава “пиле да прелета”. Секој поинаков глас е “предавнички”, владината политика “квислишка”, a историскиот волунтаризам – одбранбен бедем.
Не знам што би им рекол Коле Чашуле на македонските националисти со прикриена политичка програма, кои до вчера се перчеа со својот анти-комунизам, за “диктатот” на земјите на ЕУ (т.н.р. Француски предлог) за паралелно решавање на отворените прашања со Бугарија и водење пристапни преговори за членство во ЕУ, под услов правата на бугарското малцинство во земјата да добијат уставна гаранција.
Но знам што напишал во “Болно племе” пред 22 години. На прашањето што си го поставува како да се помириме со трауматичното “двојство” наше и на револуционерите од Илинденското востание, тој вели: “Првиот начин е прифаќање на врховизмот како дел од историјата на ослободителната борба, за разлика од признавањето во официјалната , селектирана историја, само на ‘левицата’.“
Дилемите, вели Чашуле, на македонските револуционери во минатото, кои од една или друга причина и мотив се определувале за отклон од вистинските стратешки цели и интереси на Македонија, за врховизам, за зависност од великобугарската (великосрпската) државна политика и интереси, та дури и за судир со интересите на сопствениот народ, далеку се поиндикативни за вистинската сложеност на македонската ослободителна борба. … Вториот извод е признавање дека нашето видување за нацијата не се совпаѓа ниту со видувањата на другите, да речеме светските политички фактори и историја.“
Ние ќе се еманципираме сами, со правење “отстапки и концесии”, омрзнатите поими на денешната парламентарна опозиција и нејзините инспиратори и поддржувачи. Во одбивањето на тоа од опозицијата и нејзините поддржувачи од редот на интелектуалците нема политика, туку има порив за одмазда, да се послужам со зборовите на Чашуле, кон западните демократии и “домашните предавници” и “квислинзи” – како што ги нарекуваат во јавните дебати. Порив за одмазда што мораат да се соочат со нивниот историски волунтаризам – дека немаме ништо заедничко со Бугарите.
Веќе нема граници, кога водачот на парламентарната опозиција си дозволува без аргументи и без одговорност, јавно и без аргументи да го обвини министерот за надворешни работи дека води политика во интерес на соседна држава! Еј, свесни ли сте што правите? Во широк сојуз на демократии нашите шанси за автентично подадена рака од страна на Бугарија и за афирмација на нашата нација и јазик се поголеми.
Кога денес би можела да го сретнам Коле Чашуле би му се извинила за насловот на мојот осврт “Митот за анти-македонскиот заговор”. Каков мит, тој заговор постои, само што протагонистите не се големите сили, туку се тука, меѓу нас.





