…
„Морално е и согласно меѓународното право Украина да ја избере својата иднина, како што Македонија имаше право на своето име. Така, Украина сака да биде дел од Европа а не од Русија, сака да биде членка на ЕУ и членка на НАТО. Но…“ пишува професорот Денко Малески во колумна насловена „И украина треба да го смени името“ за Плусинфо.
Малески, во анализата потсесува на „Историјата на пелопонеските војни“ од Тукидид книга напишана пред 2500 години, каде авторот заклучува дека „во меѓународните односи силните го прават она што можат а слабите она што мораат“.
Така, продолжува Малески пишувајќи за желбите на Украина да биде дел од ЕУ и НАТО, вели дека „стратешкиот безбедносен интерес на Русија не го дозволува тоа, поништувајќи го правото и моралот со топови и ракети.
Гледано од аспект на рускиот стратегиски интерес Украина треба да биде „тампон“ држава меѓу Русија и Западот.
Западот, пак, ја поддржа Украина и нејзината политика за интеграција во Европа и така настана најопасната геополитичка криза по Втората светска војна. Американските реалисти заклучуваат дека токму тука се корените на кризата и сметаат дека на Западот лежи вината за конфликтот.
А правото на Украинците – прашува Малески и одговара:
Па, правото не важи во меѓународните односи, туку силата кога се стратегиските интереси на моќна држава во прашање. Од времето на Тукидид па до денес, големите сили не се обзираат на меѓународното право и на моралот кога се тие спротивни на нивните стратегиски интереси. Ужасно е тоа што се случува со Украина. Нашите срца се со Украинците и со нивното право да ја одберат сами својата иднина. За жал, тоа нема никаква врска со меѓународната политика.
(…)Украина ќе мора да ја избере компромисната варијанта и да го „смени името“- заклучува Малески.







