По денешната изјава на словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој за бугарско-македонскиот спор изјави дека „прво е интересот на Бугарија, а потоа на земјата кандидат“ , реагираше професорот Денко Малески.



„Вратете се малку назад во историјата на нашата независна земја и читајте записи од тоа време. Доволно е само да го замените зборот Грција со зборот Бугарија и ќе видите како се повторува историјата. Се е буквално исто. Ист ли ќе биде и крајот?

Јанша вели –да“ пишува Малески во колумна за „Плусинфо“.

„Сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки, а не на кандидатите за членство, сум напишал и објаснил безбој пати. Зошто и после  тридецениското искуство со Грција не сме во состојба да ја апсолвираме оваа базична лекција? Не знаеме? Знаеме. Па зошто тогаш?

Затоа што народот не сака да ја чуе таа вистина а политичарите и интелектуалците не сакаат да одат против неговата воља од страв дека ќе ги загубат позициите.

До кога? Додека самиот народ не почувствува мака и ќе побара спас“, пишува Малески кој во свои колумни и досега иостакнуваше дека македонскиот пат до ЕУ води преку Бугарија.