Со резолуцијата на парламентот и со објаснувачкиот меморандум на владата, бугарскиот национал-популистички бран ја заглави државната политика на Бугарија во однос на Македонија и го предизвика македонскиот национл-популистички одговор со резолуцијата во нашиот парламент.



Иако на прв поглед се чинеше дека политиката на новата влада на Бугарија сака исто што и ние, брзо решение, брзо решение нема да има, пишува професорот и екс-министер за односи со странство, Денко Малески во колумна за „Плусинфо“.

Дури се чини , раководен од приоритетите на сопствената држава (ковид пандемија, економија, корупција…), како новиот премиер да не сака веднаш да се заглави во македонското прашање па го турка подалеку од себе, во работни комисии.

Слично како што направија македонските политичари кои бегајќи од гневот на јавното мислење, или обидувајќи се да го придобијат за себе, се засолнија зад црвени линии.

Но,тука простор за дипломатија нема а без дипломатија нема решение на проблемот. Да, комисиите ќе направат попис на она што е најдобро за двете земји. Тоа е најлесниот дел од политичкиот процес зашто сите знаат што е најдобро.

Проблемот е како до главната цел, отпочнување преговори на нашата држава со ЕУ.

Неантиципирајќи ги настаните, бегајќи од проблемите и не одејќи им во пресрет со анализи и решенија, влезени сме веќе длабоко во она што го нарекуваме „грчко сценарио“: спор на кој крајот не му се гледа“, констатира Малески.