Професорот Денко Малески, реагира на интервјуто на претседателот Стево Пендаровски за Еуроњуз, во кое вели дека барањата на Бугарите се поконтроверзни од грчките.



„Грците никогаш не побарале од нас да не се нарекуваме Македонци, а Бугарија го оспорува нашиот идентитет и тоа според претседателот е големиот проблем. Следствено на тоа, тешко е да се пронајде компромис со источниот сосед“ оцени претседателот.

Првиот министер за надворешни работи – во тоа време министер за односи со странство – за Плусинфо вели дека „нашите политичари сега сакаат да се извлечат од целиот преговарачки процес, кој не им носи популарност. Како да сакаат да прогласат мораториум на преговорите. Тие ја користат старата поговорка „со глава ѕид не се руши“, но забораваат дека на запад се користи поговорката „секој ѕид е врата“. Односно на секој ѕид може да му се отвори врата и нашите избрани политичари треба да работат на тоа.

Преговорите не смеат да прекинат“, вели Малески.

„Невозможна задача е Македонија самата да се европеизира. Ќе потсетам на примерот на Италија, која во 1967 година беше принудена да ѝ пристапи на тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ), за да ги реши проблемите со корупцијата и со клиентелизмот. Кога една Италија не била во можност самата да се реформира и да се ослободи од корупцијата, тогаш како Македонија тоа да го стори.

Откажувањето е најлошата опција за нас, ние мора да влеземе во ЕУ “ вели Малески.