„Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов кажа глупости кога рече дека грчката политика платила 150 милиони за промената на името на Македонија!“ – со овој вчудовидувачки напад кон Иванов се огласи поранешниот министер за надворешни работи на Република Македонија Денко Малески преку својата колумна со наслов „Глупостите на поранешниот претседател Иванов“, која ја објави „И-портал“, но без да понуди конкретни аргументи кои „глупости и лаги“ изнел поранешниот шеф на македонската држава Иванов кога ја даде својата изјава за „куферчињата со пари во готовина“, кои биле нудени од „грчката политика“ за одземањето на името на Македонија.
Но, Малески во својата колумна изнесува и вџашувачки став дека „темелите на македонскиот идентитет беа поставени во едно туѓо минато“, со што најдиректно застанува во одбрана на ампутацијата, отцепувањето на античкиот дел од автентичната и интегрална историја на македонскиот народ, што беше извршено со насилното изгласување на Преспанскиот договор. Што значи, според Малески, „македонскиот идентитет бил поставен во туѓото, грчко минато“, односно дека и самото име Македонија не им припаѓа на Македонците, туку на Грците!
Прогласувајќи го македонското општество како „општество на измамници и крадци“, со други зборови, имајќи го предвид контекстот на ставот, Малески ги обвинува Македонците дека се измамници во поглед на својата историја и оти името Македонија го украле од Грција!
Еве ја интегралната верзија на колумната на Денко Малески: Ги слушам зборовите на поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов за „името“ и не можам да си верувам на ушите: „Но, ние самите очигледно не сме знаеле да си го чуваме, негуваме и оставиме за идни поколенија. И сме влегле во игри кои што ги разоткри Андов, Стојан Андов кога соопшти дека специјалниот пратеник на претседателот Глигоров договара со Алојз Мок, министерот за надворешни, за сума од еден милион долари за промена на името, за да дојдат две милијарди инвестиции. Подоцна, дојде еден куфер кеш до претседателот Глигоров од милион, па на еден мој претходник му се нудени педесет милиона, и сегашната сума, ако прашате било кој упатен во грчка политика – сто педесет милиона, е толку вредеше името“.
Во пет-шест глупави реченици базирани врз „рекла-кажала“, поранешниот претседател го обесмисли целиот мој ангажман во македонската политика од 1991 до 1993 година. Кој е тој порив кај луѓето сè да урнат, камен на камен да не остане од било каква чесност во однесувањето во македонската политика? Кои се тие македонски амбасадори, што слушаат глупости без да реагираат во заштита барем на првиот претседател на независна Македонија? Зошто се лаже дека сите се исти?
Затоа што во општество на измамници и крадци сè е јасно: за „името“главните виновници не се оние, кои ги поставија темелите на македонскиот идентитет во едно туѓо минато и направија целиот свет прво да ни се смее, а потоа да се сврти против нашата држава, туку некакво куферче со пари кај нечесните претходници на Иванов.





