Малески до Македонците: Водете дијалог со Бугарите за минатото и не гласајте за ВМРО ДПМНЕ, туку за СДСМ, за да не заглавите на меѓународен план!

Со ставовите изнесени во својата колумна со наслов „Мислам дека не би требало да гласате за нив“, на пет месеци пред одржувањето на парламентарните и претседателски избори во Република Македонија, првиот македонски министер за надворешни работи и универзитетски професор по политички науки Денко Малески тргна во агресивна предизборна кампања – со директна изборна порака до македонското бирачко тело дека „не би требало да се гласа за партијата на македонските националисти ВМРО ДПМНЕ“, туку „само за Владата и СДСМ“, „за да не заглавиме опасно на меѓународен план“.



Малески тргна и во агресивна лоби-кампања за остварување на интересите на Бугарија, тврдејќи дека „со францускиот предлог беше симнато нејзиното вето“, „за да ни се отвори патот кон ЕУ“. Тој им порачува на Македонците „да го водат дијалогот за своето минато со Бугарија во текот на преговорите со ЕУ“, со став дека „западните сили се спротивставуваат на ветото на својот сојузник Бугарија“, што „покажува колкав е нивниот интерес нашата држава да се интегрира во ЕУ“.

Во својата колумна, која ја пренесе „Фокус“, покрај другото, Малески пишува: Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија Дејвид О’Брајан го кажа ова за нивниот француски предлог и за македонската партија што го отфрла: „Има понуда на масата. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Не би требало да гласате за нив. Но, тоа е избор, што го прават гласачите овде. Луѓето може да изберат што сакаат“.

Не сум слушнал одамна ваква критика на водството и лично кон првиот човек на партијата на македонските националисти. Речиси е без преседан во македонско-американските односи американски дипломат да каже дека народот не би требало да гласа за ВМРО-ДПМНЕ и неговиот водач. Со јасна алузија на Мицкоски, да се каже дека „тоа е личност од која не би купиле автомобил“, а камоли да му дадете доверба да ја води државата, тоа треба да е знак за отрезнување. Американскиот дипломат, само што не кажа дека водачот и партијата лажат кога велат дека може да се преговара повторно за договорот, околу кој се согласиле големите западни сили. На неколку месеци пред избори, на кои се очекува победа, како резултат и на отпорот кон надворешните притисоци, лидерот и партијата можат малку да сторат да ја променат сопствената политика. Заробениците на својот национализам ќе мора да тераат до крај.

На темата Бугарија и особено францускиот предлог ВМРО-ДПМНЕ не жалеше труд со сета сила да им се спротивстави на странците. Но, не се разбра дека со францускиот предлог беше симнато ветото на Бугарија за да ни се отвори патот кон ЕУ, а дијалогот за минатото остана да се води во текот на преговорите. Спротивставувањето на ветото на својот сојузник Бугарија укажува колкав е интересот на западните сили, нашата држава да се интегрира во ЕУ. Не ги поддржувам сите потези на македонската влада, но ќе гласам за нив зашто со Мицкоски опасно ќе заглавиме на меѓународен план. Ако не се согласите со нашиот француски предлог, тоа значи дека ѝ вртите грб на Америка, сакаше да каже О’ Брајан во интервјуто, но дипломатски рече: „Има понуда на масата. Треба да ја земете. Ако не ја земете, ѝ вртите грб на историјата“. Затоа, партијата на македонските националисти да бере памет и тоа бргу оти Американците веќе им свртеа грб со изјавите на О’ Брајан,.