Малеска: Сите што ја сакаат земјата, со две раце ќе го прифатат помалиот ризик и ќе ги поддржат уставните измени

Професорката по политички науки Мирјана Малеска повикува за прифаќање на измените на Уставот заради впишување и на Бугарите во него како „помал ризик“, според неа.



„Да, постои неизвесност и извесен ризик од вклучување на бугарското малцинство во Уставот, но неспоредливо поголем е ризикот Македонија да не ги продолжи пристапните преговори, да го изгуби компасот и да заостане зад соседите. Тоа ќе го заостри конфликтот мегу Скопје и Софија, ќе го растргне општеството однатре и ќе створи потенцијал за регионална нестабилност. Нема време за ‘игра на тронови’, а не сум сигурна дека меѓународниот контекст дозволува такво нешто.

Сите што ова го разбираат и ја сакаат земјата, со две раце ќе го прифатат помалиот ризик и ќе ги поддржат уставните измени. Претпоставувам дека опозицијата е исто така во дилема: дали ќе гледа краткорочно да ги добие овие избори или ќе ја гради својата позиција како општествено одговорна партија“, вели сопругата на првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески, во својот напис насловен „Чекајќи ги уставните измени“ на вебстраницата на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).