Максимум за една недела оставки на Џафери и Ковачевски – Техничката Влада ќе се изгласа најдоцна на 28 јануари

Најдоцна за седум дена треба да се изгласа техничката Влада и актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски да поднесат оставка. Во овој период треба да се избере и нов претседател на Собранието – Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, како и да се верификува нов мандат на пратеник на местото на Џафери и евентуално на други пратеници доколку некои од министрите или дополнителните заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ дојдат од редовите во Собранието. Какви ќе бидат активностите, ќе се знае по утрешната редовната понеделничка координативна средба во Собранието, на која не присуствуваат ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Европскиот сојуз за промени.



Имено, на 9 јануари, по одржаната прва координативна средба во Собранието, Кабинетот на Џафери соопшти дека од 22 до 28 јануари ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката Влада во Собранието. Ковачевски, пак претходно најави дека оставката ќе ја поднесе на крајот на идната недела но, се уште не се знае како кадровски ќе изгледа техничката Влада по изјавите на премиерот Ковачевски од викендов и најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе гласаат воздржано.
– Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада – рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера информираа дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер. Најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават оваа недела.
И од Демократската унија за интеграција, според најавите, нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера и Либерално-демократската партија излезе со сличен став.
Техничката Влада се формира 100 дена пред одржување на парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај. Претходно, на 24 април ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на оваа Влада завршува со изборот на нова Влада.