Максим Димитриевски: Не сакам да се случи да избереме лидер марионета, кој ќе биде во функција на некого

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва во централниот Дневник на телевизија Сител, на прашањето каде е грешката на СДСМ за резултатот од локалните избори, рече дека во време на опозиција СДСМ имала јасен концепт, визија и идеја како да се води државата, но, за жал откако е на власт, работите се промениле.



„Можеби, од преземањето на апсолутната власт, на локално и централно ниво дојде до една аздисаност од власта и поединци се трансформираа во нешто што се боревме во минатото против такво едно неодговорно однесување, нерешавање на проблемите. Малку внимание и посветеност на трудот, социјалата, образованието и другите перспективи, а премногу посветеност на надворешната политика. Еве сега се плати цехот, граѓаните го кажаа своето, а тие никогаш не грешат. Поединци сметаат дека треба да бидат на одредени функции доживотно. Нема непроменлива функција, ниту непроменлив политичар. Едноставно, се подзабораваат и се претвораат во инструмент, лукративно-клиентелистичкиот пристап си го зема своето, и секако лојалистичкиот пристап – она што сака да го чуе политбирото тоа што им одговара, а не тоа што е суштински. Имав низа случаи, не само јас, туку и други членови од партијата јасно укажуваа за пропустите кои се правеа во делот на средствата од Фондот за иновации, па аферите во Министерството за здравство, сите оние пропусти кои се случуваа поврзани со одредени афери, а од друга страна немаше суштински, кадровски промени. Во минатото, во периодот на опозиција излеговме со еден проект чесна понуда кој не го реализиравме во пракса, туку се одеше по принципот „јас тебе војводо, ти мене сердаре“, на само себе позиционирање на поединци коишто мораа да возвратат на тие коишто ги поставиле, граѓаните тоа го гледаат и казнуваат“, рече Димитриевски.

Во однос на победата, тој информираше дека добил голем број на честитки од страна на сопартијците во СДСМ, од актуелни и поранешни носители на јавни функции.

„Мислам дека четири дена по изборите добив порака и од мојот претседател господинот Зоран Заев, му возвратив на таа порака. Добив честитки и од позицијата од СДСМ, добив честитки и од високи функционери од опозицијата и од другите политички партии. Никогаш не сум имал заладување на односите со членството на СДСМ, но имав сериозно заладување на односите со дел од лидершипот на СДСМ. Не чувствувам некое затоплување на тие односи, бидејќи не постои некоја интензивна или сериозна комуникација. Таа е сведена можеби повеќе преку еден, друг или трет, којшто се пренесуваат пораки, што мислам дека е беспотребно. Јас како актуелен градоначалник на Куманово, во моментов имам исклучива обврска кон граѓаните на Куманово. Тргнав со еден концепт „За наше Куманово“ и да го реализирам во целост, граѓаните се приоритет за мене“, изјави Димитриевски.

Димитриевски посочи дека очекува оставката на Заев да биде реализирана.

„Тој тоа го најави, го поздравувам, бидејќи тоа е еден вистински пример како треба да се развива демократијата во нашата држава. Но, за жал, голем дел на луѓе од неговото опкружување кои можеби беа туторите на главните политики во партијата се уште молчат, а тие треба да излезат јавно и да сносат одговорност, како тоа СДСМ од една добра позиција, дојде во една таква состојба. Не можам да предвидам што ќе се случува, можам отворено да кажам што не сакам да се случи. Не сакам да се случи да избереме лидер марионета. Не сакам да се случи да избереме раководство коешто ќе биде во функција на некого или на поранешното раководство. На СДСМ му е потребен сериозен тим на луѓе кои ќе продолжат да анимираат сериозни позитивни политики за граѓаните и државата“, додаде Димитриевски.

Димитриевски потенцираше дека членството е тоа коешто согласно статутот избира лидер и членството треба да одлучи кој ќе биде следниот лидер на СДСМ.
Извор: Кумановски муабети