Во услови на досега невидена економска и здравствена криза, тројца пријатели од Виница одлучија да вложат свои лични средства и ја основаа „Максигард“, нова фабрика за производство на маски кое ќе стартува идната недела. 



„Целта на основањето на ‚Максигард’ доо Виница е првенствено во овој момент компанијата да даде придонес во заштитата на населението и вработените во институциите и стопанството од вирусни, бактериски, поленски и други загадувања и инфекции преку понуда на безбедни, достапни, квалитетни и поевтини маски“, вели Орце Јовановски, управител и извршен директор на „Максигард“.

„Со капацитетот кој моментално е проектиран на пет милиони маски месечно, ‚Максигард’ планира да ги направи заштитните маски достапни за секого по прифатлива цена. Заштитните маски мора да се достапни за секого, а цената на заштитната маска од најдобар квалитет и прва класа во малопродажба мора да биде во ранг на 5 до 8, но не повеќе од 10 денари“, објаснува Јовановски.

„Заштитните маски кои ‚Максигард’ доо Виница ги произведува се сертифицирани со сите сертификати за квалитет кои се потребни за продажба на домашниот и на странските пазари. Компанијата деновиве се сертифицира со ISO9001 стандард за менаџмент со квалитет и ISO13485 стандард за производство на медицински помагала, а заштитните маски се со CE знак за извоз во Европската унија, по Европска норма EN14683“, потенцира Јовановски . 

Висината на инвестицијата во првата фаза е околу 150.000 евра, кои се обезбедени од сопствени средства на основачите. Очекувањата се дека оваа инвестиција, согласно со потребите и пласманот, во следните шест месеци ќе се зголеми најмалку двојно.