Францускиот претседател Емануел Макрон одби да ги опише акциите на Русија во Украина како „геноцид“ во телевизиско интервју за телевизијата Франс 2, објави Си-Ен-Ен.
Запрашан дали, како и американскиот претседател Џо Бајден, ќе го користи терминот „геноцид“ за убиствата на украински цивили од страна на руската војска, Макрон вели:
„Би бил внимателен со ваквите термини, бидејќи овие два народа (Русите и Украинците) се братски“
Тој увери дека ќе продолжи да се обидува да ја запре војната и да го врати мирот. Според него, сепак, вербалната ескалација најверојатно нема да стави крај на конфликтот.
„Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека ситуацијата е неприфатлива и тоа се воени злосторства. Сведоци сме на воени злосторства кои се без преседан на европско тло“, рече тој.






