Францускиот претседател Емануел Макрон е подготвен да се сретне со бугарските и македонските лидери во Париз „во вистинско време“ за да склучат билатерален договор.



Ова официјално го соопштија од претседателскиот кабинет на Макрон во Париз, пренесе БГНЕС која го објави целиот текст на соопштението.

„Претседателот на Републиката вечерва (синоќа, 6 јуни) разговараше со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во рамките на напорите на француското претседателство со Советот на Европската Унија во последните неколку недели да ја поддржи потрагата по решение за спорот меѓу двете земји и со тоа да ја направи реалност европската перспектива на Северна Македонија.

Претседателот на Републиката ја изрази својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или малцинства.

Претседателот на Републиката изрази подготвеност да се сретне со бугарските и македонските власти во Париз во вистинско време за да го склучат нивниот билатерален договор“, се вели во соопштението.