Макрон предлага меѓународна коалиција против Хамас

Францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот предложи меѓународната коалиција која се бори против Исламската држава (ИСИС) во Ирак и Сирија да се прошири за да ја вклучи борбата против палестинската милитантна група Хамас во Газа.



На средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, Макрон истакна дека Франција и Израел го сметаат тероризмот како нивен „заеднички непријател“, но даде малку детали за тоа како би можела да биде вклучена коалицијата од десетици земји предводена од САД, пренесе Ројтерс.

„Франција е подготвена меѓународната коалиција против ИСИСво која учествуваме за операции во Ирак и Сирија, исто така да се бори против Хамас“, им рече тој на новинарите, мислејќи на Исламска држава и ветувајќи дека нема да го остави Израел сам.

Макрон, исто така, предупреди на ризиците од регионален конфликт, нагласувајќи дека борбата против Хамас „мора да биде без милост, но не и без правила“.

Триесет француски државјани беа убиени од милитантите на Хамас во нивниот напад врз јужен Израел на 7 октомври.