Макрон не размислува за ембарго на рускиот гас

Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека во моментов не се разгледува прашањето за воведување ембарго за испорака на руски гас и нафта во Европа, како дел од европските санкции против Русија поради ситуацијата во Украина.



-Тоа прашање, кое можеби е тема на разговор, засега не се разгледува. Веќе се разговара за јаглен и нафта, но за гас се уште не. Знаеме какви огромни тешкотии предизвикува ова. За енергетскиот суверенитет на Европа зборувам долги години – изјави Емануел Макрон во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.

Според Макрон, во случај на воведување меѓусебни санкции во врска со снабдувањето со енергија, „очигледно е дека Европејците ќе треба да вложат… огромни напори“.

– Во овој момент објаснуваме дека ќе треба да ја намалиме температурата во становите за да бидеме помалку зависни. Нема да ги видиме последиците за оваа пролет и лето, бидејќи имаме залихи, но нема да биде исто следната зима ако немаме руски гас – рече францускиот претседател, додавајќи дека тоа не е сценариото во кое Европа е денес, но тоа може да се случи.

– Секој ден, кога Русија одлучува да премине на ново воено, дипломатско или тактичко ниво, „се намалуваат нејзините шанси да се врати во нормален живот и се намалува нашата способност да изградиме цврст мир“, додаде францускиот претседател.

Зборувајќи за комуникацијата со Владимир Путин, Макрон истакна дека досегашните разговори со рускиот лидер, водени од почетокот на специјалната операција во Украина, се организирани на барање на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

– Мора да продолжиме со разговорите со Владимир Путин. Јас и премиерот на Италија, Марио Драги не разговаравме со него по настаните во Буча. Сите бевме запрепастени, преплавени од емоции. Разговарав со Владимир Путин секој пат кога Зеленски ќе ме замолеше да го сторам тоа. Не смееме да заборавиме дека тој контакт го сака украинскиот претседател. Токму во тој контекст нашата улога е корисна – рече Макрон.

Според неговата проценка, за идното склучување на мировниот договор ќе бидат потребни земји гаранти, а доколку „поради замор“ европските лидери изберат да не контактираат со Путин, лидерите на Турција, Индија и Кина ќе разговараат со него.

Во тој случај, нагласи Макрон, „Европејците во иднина нема да градат мир во Европа“.

– Дури и да е многу тешко, а понекогаш и неефикасно, потребно е да се инсистира на дијалог – рече францускиот претседател.