Макрон ќе бара помош од Пекинг за да ја „притисне Русија“

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека ќе ја посети Кина на почетокот на април и го повика Пекинг да „помогне да се изврши притисок врз Русија“ за да се стави крај на војната во Украина.



Еден ден откако Кина повика на итни мировни преговори со објавување на својот план за ставање крај на војната во Украина, Макрон рече дека мирот е можен само доколку „руската агресија биде запрена, силите се повлечат и се почитува територијалниот суверенитет на Украина и нејзиниот народ“.

„Фактот дека Кина се ангажира во мировните напори е добра работа“, рече францускиот лидер, барајќи од Пекинг „да не и снабдува Русија со никакво оружје“.

Тој, исто така, побара помош од Пекинг за „да изврши притисок врз Русија да се осигура дека никогаш нема да користи хемиско или нуклеарно оружје и да ја запре агресијата пред преговорите“.