Макрон им порача на Французите: Дојде крај на изобилството и безгрижноста

Францускиот претседател Емануел Макрон ги предупреди Французите на „голема промена“ која ќе донесе „крај на изобилството и безгрижноста“. „Доживуваме голема промена“, предупреди шефот на француската држава, мислејќи на актуелната низа „сериозни кризи“, од Украина до сушата, зборувајќи на почетокот на седница на владата.



„Можеби се чини дека моментот во кој живееме е структуиран од низата сериозни кризи и можно е некои да ја гледаат нашата судбина како постојано управување со кризи или итни ситуации. Што се однесува до мене, верувам дека ова низ што минуваме е повеќе голема промена или голем пресврт“, изјави Макрон пред своите министри.

„На оваа ситуација нашите сонародници би можеле да реагираат со голем страв“, кажа Макрон и поради тоа ги повика членовите на владата „да ги именуваат нештата многу јасно и без драматичност“. „Очекувам владата да го почитува дадениот збор и обврските кои ги преземавме кон нацијата“, додаде.

Францускиот претседател ги повика своите министри да не потклекнат пред демагогијата и да бидат сериозни и веродостојни. „Секогаш може да изгледа привлечно она што луѓето сакаат да го слушнат, но прво мора да се прашате дали е тоа ефикасно и корисно“, кажа Макрон.