Францускиот претседател Емануел Макрон и шефот на Белата Куќа Доналд Трамп зборуваа за наводни хемиски напади во сириската градска Дума и двајцата сметаат дека е потребна „силна реакција“ од меѓународната заедница, соопшти француското претседателство.
Двајцата претседатели разговараа по втор пат за два дена, за настаните по наводните хемиски напади од 7 април против цивилното население на Дума во Источна Гута и по дебатите на истата тема на седница на Советот за безбедност на ОН, се наведува во соопштението на Елисејската палата, јави АФП.
Претходно, американскиот претседтел ги обвини Путин, Русија и Иран дека „го поддржуваат животното Асад“.
Информациите за новиот хемиски напад во Сирија за кои хуманитарните организации ја обвинуваат сириската армија се фабрикувани, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
„Продолжуваат информациските измами во врска со употребата на хлор или други отровни супстанции од страна на владините трупи“, се вели во соопштението.





