Францускиот претседател Емануел Макрон го потпиша законот за крајно непопуларната пензиска реформа на неговата влада, со која се зголемува старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, јавува Би-Би-Си.
Тој ја потпиша реформата во законот денеска во раните утрински часови. Министерот за труд Оливие Дусопт рече дека очекува реформата да стапи на сила до почетокот на септември.
Вчера, Уставниот совет ги отфрли повиците на опозицијата за референдум, но исто така отфрли некои аспекти од реформите, наведувајќи на правните недоречености.
По одлуката на Советот, демонстрантите го запалија Париз и подигнаа барикади. Уапсени се 112 лица.
Синдикатите ветија дека ќе продолжат да се спротивставуваат на реформите и ги повикаа работниците во Франција да се вратат на улиците на 1 мај.
Претседателот Макрон тврди дека реформите се неопходни за да се спречи колапсот на пензискиот систем.
Во март, владата употреби специјално уставно овластување за да ги изнуди промените без гласање.







