Вчерашната изјава на шефот на Француската република која ја има една од најстарите и најдобри дипломатии на светот ги покажа фрустрациите на Париз предизвикани од неисполнетите ветувања на еден човек и неговиот протеже кои ја доведоа Македонија во катастрофална ситуација во однос на евроинтеграциите.
За жал наместо да им се лути само на тие што го лажеле, Макрон според навредливиото именување на Македонците како Северномакедонци е фрустриран и од реакциите на македонската јавност која спречи Македонија да влезе подлабоко во бугарските канџи.
Освен што ги навреди Македонците нарекувајќи ги Северномакедонци Макрон меѓу редови ни откри дека актуелниот премиер Ковачевски и претседателот Пендаровски не ги смета за релевантни соговорници затоа што друг политичар го влече конците во позадина.
Тој политичар неслучајно е единствениот ,,Северномакедонец” споменат вчера во изјавата на Макрон.
Се вика Зоран Заев и се претставува како бизнисмен и хуманист кој има своја фондација.
Да постигнеше вчера Макрон успех ќе имаше логика да се заблагодарува на наводни храбри политичари, но во дипломатскиот дебаклот тој сигурно не го спомена Заев за да му рече фала туку за да му каже дека се чувствува излажан од него. Нема да биде ни прв ни последен.
Што точно пренесе вчера МИА од прес конференцијата на Макрон во Брисел и што според искусни дипломати навистина порачал францускиот претседател?
,,Тој ја поздрави храброста на некои лидери на Северна Македонија како Зоран Заев, кој го смени Уставот и името на државата.
-Една земја членка со задоцнување побара промени, рече Макрон за Бугарија, но додаде дека ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат и истакна дека има политичка криза во Бугарија. Тој го пофали и премиерот на Бугарија, Кирил Петков за неговата политичка храброст”.
Неспоменувањето на Ковачевски во ист контекст според дипломатските протоколи значи дека тој за Макрон не е храбар но и дека е целосно неважен.
Повеќе искусни дипломати со кои зборував велат дека со споменувањето на Заев Макрон не сакал да му се заблагодари туку да искаже револт затоа што предходно најверојатно токму Струмичанецот му ветувал дека владата на СДСМ на чело со Ковачевски ќе го прифати катастрофалниот француско-бугарски предлог.
Макрон вчера всушност ни покажа уште еднаш дека Ковачевски е поставен од Заев на чело на владата да ги спроведе сите ,,дилови” на екс лидерот и премиер.
И да не беше бугарското ,,не” за предлогот и огромната реакција од македонската јавност Заев преку Ковачевски ќе успееше да ја дотолчи Македонија во смисла на евроинтеграциите и идентитетот.
Ковачевски вчера беше присилен да оди контра Заев надевајќи се дека може да продолжи со нормално водење на владата иако секој нормален политичар по понижувањето од Макрон кој откри дека премиерот е само маша во рацете на Заев денеска ќе дадеше неотповиклива оставка.
Наместо тоа ,,Пи-Ар маговите” на СДСМ кои до вчера горделиво најавуваа прифаќање на францускиот предлог денеска планираат лажна оставка од Маричиќ и Османи која што треба веднаш ќе биде одбиена од Ковачевски, односно Заев.
И двајцата посочени се дел од тимот на екс премиерот кој од позадина владее со Ковачевски и со владата, а кои според ветувањата на ,чесниот” Струмичанец, ако го истуркаат Француско-бугарскиот пеколен план еден ден требало да станат шеф на државата и на владата.
Со Ковачевски, Османи, Маричиќ и владата Заев можеби ќе владее уште малку, но јасно е дека со Македонија, нема никогаш повеќе да владее.






