Макрон: Гласајте за тоа каква Франција сакате

Францускиот претседател Емануел Макрон и екстремно десничарската противкандидатка Марин Ле Пен денеска ги упатија последните апели до неопределените гласачи пред вториот круг претседателски избори што ќе се одржи во недела.



Според најновите истражувања Макрон, центристо, проевропски и актуелен претседател, води пред Марин ле Пен, антиимиграциски, евроскептичен предизвикувач, со 10-14 поени.

Но, фактот што речиси тројца од 10 гласачи велат дека нема да гласаат или не одлучиле значи дека се можни изненадувања: Победа на Ле Пан, слично на гласањето за Брегзит или изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, не може целосно да се исклучи, оценува Ројтерс.

Макрон на гласачите им порача дека гласањето во неделата не е ништо помалку од референдум за иднината на земјата.

„24 април ќе биде референдум за или против Европа – ние ја сакаме Европа“, рече тој. „24 април ќе биде референдум за или против секуларна, обединета, неделива Франција… ние сме „за“.

Анкетите на водечките француски агенции објавени во четвртокот и петокот покажаа дека резултатот на Макрон е или стабилен или благо се зголемува за да достигне помеѓу 55,5% и 57,5%.

Но, тие, исто така, објавија излезност помеѓу 72% и 74%, што би било најниско за вториот круг од претседателските избори од 1969-та година.