Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска ја нарече „несреќна“ изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека да се биде сојузник на САД не мора да значи да се биде вазал, пренесува dpa.
„Никогаш сме биле во опасност да бидеме или да станеме вазал на Соединетите држави“, рече Писториус, првиот член на германската влада кој јавно проговори за изјавите на Макрон, кои предизвикаа проблеми меѓу сојузниците на Франција. Тој изјавата ја нарече „несреќна“.
По тридневната државна посета на Кина минатата недела, Макрон ја повика ЕУ да заземе понезависен став за Тајван, нагласувајќи дека ЕУ треба да одржува еднаква дистанца од Кина и САД.
Писториус, кој е близок со канцеларот Олаф Шолц, додаде: „Во иднина мора да можеме да зборуваме како Европската унија во однос на надворешната политика и исто така во однос на безбедносната политика“.
„Наша должност е да се најдат сопствени позиции во договор со САД“, посочи тој. Тој додаде дека поделбата и останувањето на различни позиции на крајот само „ќе ѝ помогнат на надворешната политика на Кина“.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ги минимизираше разликите во Европската унија по изјавите на Макрон.
Баербок истакна дека Макрон ја посетил Кина во исто време со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, опишувајќи го тоа како „исклучително важен знак“.







