Макрадули заминува од директор на „Пошта“ по предлог од Владата

Владата на денешната седница одлучи да му препорача на Надзорниот одбор на „Пошта на Северна Македонија“ да го отповика Јани Макрадули од функциите претседател на Управниот одбор и генерален директор на ова акционерско друштво.



За нов директор, пак, Владата предлага Надзорниот одбор да го избере Васко Стефанов, кој досега беше заменик-директор на Агенцијата за вработување, од којашто функција денеска е разрешен.

Во „Пошта“ минатата недела вработените почнаа штрајк за зголемување на платите, а истиот ден на средба со Управниот одбор на која присуствуваше и Макрадули тие како понуда добија компромисно решение – наместо покачувањето на платите да биде веднаш, тоа да биде етапно, прво за вработените во технолошкиот процес, а потоа и за администрацијата.