По објавениот оглас на А.Д. Пошта за вработување на 280 вработени на неопределено работно време, новиот директор Јани Макрадули за „Фокус“ објаснува дека не станува збор за отворање на нови работни места, туку за кадар кој и досега работел во Пошта, но под договор на определено време.



„Во интерес на вистината, а по изнесените лаги од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, важно е да се нагласи дека не станува за отворање на нови работни места и дополнителни финансиски трошоци на компанијата, бидејќи во моментов овие позиции ги извршуваат лица на кои им истекуваат договорите за вработување, а кои досега беа склучувани на определено работно време. Со цел непречено овозможување на услугите, особено земајќи предвид дека А.Д. „Пошта на с. Македонија“ е давател на универзална поштенска услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, како и дополнителна транспарентност и отвореност, компанијата за овие позиции распишува јавен оглас за работна позиција – пошторазнесувачи, на неопределено работно време, кој е отворен за секој заинтересиран граѓанин“, вели Макрадули.

Тој додаде дека овој оглас беше првично распишан во текот на месец февруари 2020 година, но не билреализиран, следејќи ги насоките и препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) заради почитување на законските прописи, како и избегнување на било какво влијание во рамки на изборниот процес, вели Макрадули.