„Маките“ на бугарските здруженија во Македонија

Претседателите на седум здруженија на Бугарите од Македонија напишале писмо до претседателите и до премиерите на Бугарија и на Македонија (Радев, Пендаровски, Петков и Ковачевски), во кое инсистираат „сите спорови да се решат сега – пред почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, за да нема никогаш повеќе предуслови Бугарија да го запре овој процес“.



Авторите на писмото велат дека биле предизвикани од „одредени сили“ во Македонија, кои наводно настојувале моменталната ситуација со руската инвазија на Украина да ја искористат да повикаат на итен и безусловен почеток на преговорите меѓу РСМ и ЕУ, иако нема напредок за спорните прашања. „Овие луѓе дури навестуваат некои сличности меѓу постапките на Москва и на Софија“, кон Украинците и кон Македонците, се вели во писмото.

Иако се чини претерана и предизвикана од прекумерно гледање дебати на македонските телевизии, нервозата на претседателите на седумте здруженија е последица на свеста дека Македонците сепак не можат да го прифатат централниот наратив на софиската пропаганда за бугарското потекло на Македонија и на Македонците – пишува новинарот Бранко Героски во колумна на Плусинфо.

Секако, верувам дека постои взаемно разбирање меѓу двете страни дека спорните прашања треба да се решат во пакет, за да не се остават отворени теми кои би можеле да бидат причина Софија повторно со вето да ги блокира преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Ја споделуваме сите и желбата до таков договор да се дојде што побрзо. Но, треба да биде јасно тоа не може да се случи сè додека Софија се обидува на секој можен начин договорот да опфати формулации со кои Скопје ќе го потпише оспорувањето на генезата и на самобитноста на македонската нација.

Бугарските здруженија и во ова писмо се обидуваат да ја протнат таа теза. Па велат: „Во овој случај, не можеме да не потсетиме на клучната улога на Советскиот Сојуз во процесот на создавање на македонизмот и неговото насилно наметнување како државна политика во Бугарија и во Југославија“.

Ова „не можеме да не потсетиме…“ е како во басната за шкорпијатa што ја боцнала жабата што ја пренесувала на својот грб преку реката. Иако ветила дека тоа нема да го стори и свесна дека сега и таа и жабата ќе потонат во реката, шкорпијата се оправдала: „Не можев да одолеам, тоа е посилно од мене“.

Очигледно е дека и здруженијата на македонските Бугари, кои наводно се грижат за својот статус и бараат место во македонскиот Устав, никако не можат да одолеат да ја замајуваат јавноста со својата „експертиза“ и со докажувањето дека „историски“ Македонија е Бугарија, а Македонците се Бугари. Знаејќи дека така ги потопуваат и надежите да се изнајде взаемно прифатливо решение за спорот. Едноставно, тоа е посилно од нив.

Целиот текст на следниот линк:

Сакаат во македонскиот Устав, ама не можат да одолеат да ја понижат Македонија