На разните термини со кои погрешно се означуваат Македонците по преименувањето на државата Македонија им се приклучи новокомпонираниот „Македословени“ (Macedoslavs), изум на Австралискиот хеленски совет.



Организацијата на Грците од петтиот континент покрена кампања за алармирање на Владата во Канбера, на нејзините агенции и на медиумите финансирани од државата за „продолженото провокативно однесување на македословенската заедница во Австралија“.

„По епизодата со кипарскиот Грк, кој стана жртва во најкукавичкиот напад од толпа криминалци на т.н. Конгрес за ослободување на Македонија од Витлси, Мелбурн, националното раководство на Австралискиот хеленски совет го усвои и го испрати следново писмо до бројни агенции на Комонвелтот и до државните власти, вклучително и до Ес-Би-Ес и Би-Би-Си. Писмо со слична содржина ќе биде испратено до Северна Македонија и шефот на нејзината влада, премиерот Зоран Заев.

Австралискиот хеленски совет бара секој сонародник да остане буден и да нè информира за какво било незаконско однесување од страна на Македословените, како и за секој инцидент што е во спротивност со Договорот од Преспа од страна на Македословените и нивните водачи“, се вели во писмото испратено на повеќе адреси.