Македонското здравство на маки – лекарите си заминуваат

„И покрај обезбедувањето на зголемени плати со цел да се задржат работниците, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено специјалисти кои се селат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство. Персоналот продолжува со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема“, оценува Европската комисија во неодамна објавениот Извештај за напредокот на земјата.



Во однос на рефундирањето на средствата што се плаќаат за здравствени услуги, од ЕК оценуваат дека пациентите плаќаат приближно една третина од сите здравствени услуги без да бидат рефундирани, со што се зголемуваат социјалните разлики.

Во делот каде ЕК се осврнува на пандемијата од Ковид-19 се наведува дека во текот на третиот бран беа поплнети 90 проценти од болничките кревети во јавниот здравствен систем.

За вакцинацијата, се посочува, дека до почетокот на октомври годинава целосно се вакцинирани околу 35 проценти од населението, како и дека националниот план предвидува до крајот на годинава да бидат имунизирани 60 отсто од населението.

Еврокомисијата додава дека Македонија позитивно одговорила на механизмите за поддршка на ЕУ, од кои некои првично биле резервирани за земјите членки на Унијата за решавање на последиците од пандемијата со Ковид-19.