Македонското прашање го создале европски партнери на Бугарија пред 140 години?!

Го помести ли бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов создавањето на македонскиот народ од 1944 година наваму, како што тврди официјална Софија, шеесетина години претходно?



„Пред 140 години некои од нашите европски партнери го создадоа македонското прашање. Големите држави секогаш имаат свои интереси и ги заштитуваат малку побрутално. Во Европа има кругови, партии и влади кои имаат своја визија, но нека бидат така добри да не ми го обликуваат тоа во европски аргументи“, изјави тој во интервју за Бугарската национална телевизија.

Лидерот на софиското ВМРО притоа не пропушти да упати уште една порака до Скопје во свој стил.

„Бугарија не ѝ стави вето на Македонија. Ние рековме дека ќе дадеме поддршка за почеток на преговорите кога ќе се поправат. Не може децата уште од прво одделение да се подготвуваат за омраза кон Бугарите. Населението се воспитува за омраза, и тоа врз основа на невистинити факти. Се зема бугарската историја, се фалсификува и врз база на таа фалсификувана информација се воспитува за омраза. Скопските политичари треба да си го градат својот идентитет врз основа на автентичните факти од нивната историја“, рече Каракачанов.