Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од заедничката комисија со Македонија за историски и образовни прашања, ја оценува како исклучително тешка нејзината работа поради „75 години всадување лаги во однос на Бугарија, кои не можат да бидат урнати за неколку месеци или за една-две години“.



Според него, за да се постигне резултат прво треба да се преобрати јавното мислење во Македонија, бидејќи, смета тој, „образованието во таа држава е полно со апсурди и на штета на Бугарија“.

„И денес првата реченица во лекциите до седмо одделение е дека Бугарите се номадско племе , кое се занимавало со грабежи, а по потекло се Татаро-Монголи. Генерации израснале во лага и потребно е време за да бидат убедени тие луѓе дека биле манипулирани“, вели писателот, преведувач и поранешен бугарски амбасадор во Ватикан и во Грција, цитиран од Бугарска телеграфска агенција (БТА).

За ставот на бугарските научници во комисијата тој нагласува дека го признаваат државниот идентитет на Македонија по 1945 година, но не и македонски јазик или нација.

„Пред таа година историјата ни е заедничка и борбите што се воделе биле за ослободувањето на Македонија како дел од Бугарија, а не за независна држава“, смета тој и додава дека бугарските претставници во комисијата работат синхронизирано со Владата на нивната земја.