Македонските ракометарки на прагот на ново ЕП по триумфот во Литванија

Женската ракометна репрезентација на Македонија славеше со 31:28 над директниот конкурент Литванија во Вилнус и веќе по две одиграни кола од квалификациите со една нога е на Европското првенство 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија.



Заедно со рекордната победа од 40:17 на стартот во Скопје, „црвено-жолтите“ имаат 4 бода, колку и фаворитот Шпанија во петтата група, а на првото ЕП со 24 земји-учеснички ќе се пласираат по две најуспешни селекции од сите квалификациски групи, плус четирите најдобри третопласирани.

Освен во почетокот од натпреварот, кога Литванките водеа со 7:6, и до средината на вториот дел, кога беше нерешено 23:23, избраничките на селекторот Кристијан Грчевски имаа контрола врз играта и резултатот и со подобра завршница го однесоа целиот плен.

Десното крило Сара Ристовска со 9 гола од 12 удари беше најефикасна во победничкиот состав, левиот бек Андреа Седлоска ги реализира сите 8 удари кон противничкиот гол, а левото крило Јована Саздовска оствари ефект 6/7 во нападот.

Квалификациите продолжуваат на 28 февруари следната година, кога Македонија ќе ја пречека Шпанија.