Македонските ракометари без медал на Медитеранските игри во Алжир

Машката ракометна репрезентација на Македонија остана без медал на 19. Медитерански игри во алжирскиот град Оран, откако во натпреварот за бронзата загуби од Србија со 34:29.



Избраниците на селекторот Кирил Лазаров беа подобри во поголемиот дел од првото полувреме, во кое во три наврата имаа предност од три гола, последен пат 10:7 во 19. минута, по 24 минути игра водеа со 11:10, но на паузата соседот замина со водство од 15:13.

Во почетните минути од вториот дел „црвено-жолтите“ се доближија на еден гол негатива (17:18 во 35. минута), но потоа влегуваа од грешка во грешка, потфрли и одбраната и остана недосонуван сонот за прв екипен медал на големите натпреварувања по бронзениот на ватерполистите на Универзијадата 2011 во Кина.

Меѓу десеттемина стрелци во македонскиот состав се издвоија капитенот Костадин Петров со 5/6 и Петар Атанасиевиќ со 5/7.

Со ова Македонија го заврши настапот на Игрите со три освоени медали, и тоа злато за борачот Магомедгаџи Нуров и бронзи за борачот Владимир Егоров и за таеквондистот Дејан Георгиевски. Тоа е помалку од трите досегашни учества на МИ по петте медали (1 сребро и 4 бронзи) во дебито во Мерсин 2013 и шесте одличја (2 злата, 1 сребро и 3 бронзи) во Тарагона 2018.