Македонските професионални и влијателни портали се обединуваат во Onlinemedia

На иницијатива на искусни медиумски професионалци македонските професионални и влијателни портали се обединуваат во здружение Onlinemedia кое ќе се бори за подобар статус на интернет медиумите во медиумската сфера.



Претставници на повеќе професионални и влијателни онлајн медиуми се во финална фаза од формирање на Здружение за заштита и унапредување на интернет медиумите кое има и свој сајт Onlinemedia.mk.

Македонските интернет портали во иднина заеднички ќе се борат за подобрување на својот статус во општеството и за унапредување на професионалните стандарди и на третманот во медиумската заедница.

По подолго време, интернет порталите се обединуваат во идејата да настапат заеднички за подобрување на овој медиумски сектор и за воспоставување правила на игра.

„На првото собрание на Здружението, претставниците на издавачите покренаа повеќе важни прашања, афирмирајќи го и барањето интернет порталите да влезат во Законот за медиуми, при претстојните промени на овој закон коишто се очекуваат наскоро“, соопшти Здружението Onlinemedia.mk.

Во најавените измени на изборната регулатива, членовите на Onlinemedia.mk се согласни дека треба да се направат значителни промени, со цел да се отфрлат ограничувањата при изборното рекламирање во онлајн медиумите.

Здружението Onlinemedia.mk ќе се залага за целосно рамноправен третман на професионалните интернет портали со традиционалните медиуми, особено и поради фактот што истражувањата покажуваат дека интернет медиумите веќе се доминантен сегмент на медиумската индустрија, како во светот, така и кај нас.