Македонските пензионери меѓу тие со најмал ризик од сиромаштија во Европа?!

Пензионерите во Македонија се во најдобра положба во регионот според ризикот од сиромаштија, која им се заканува на 7,1 проценти од нив, со што, барем на хартија, тие се во незначително полоша ситуација од француските, кои се лидери во Европа во овој поглед, пишува хрватскиот портал „100 посто“!



Според податоците на Евростат за 2017 година, најлошо од земјите во регионот стојат пензионерите во Хрватска, од кои на 24,5 отсто им се заканува сиромаштија. Во Србија тој процент е 17,5, а во Словенија 15,9.

„Тоа не се неочекувани податоци. Ако ја споредуваме релативната вредност на пензијата, а тоа е уделот на просечната пензија во просечната плата, тогаш тука Србија е во доста поповолна ситуација, па дури и Македонија и Босна и Херцеговина“, коментира Јасна Петровиќ, претседателка на Синдикат на пензионерите на Хрватска.

Прагот на ризикот од сиромаштија Евростат го постави на 60 проценти од средната вредност на расположливиот доход на сите домаќинства. Според тој параметар, најзагрозени во Европа се пензионерите во балтичките земји Естонија (46,1 отсто) и Летонија (43,7 отсто), а во најдобра положба се француските, словачките и данските пензионери.